Денес во
Музика и Политика на гости ја имаме Василка Димитровска. Повод за нашиот разговор се неколку проекти во кој таа
е инволвирана, а најпрвин тоа секако е Haemus Journal, ново академско електронско
списание посветено на историјата и археологијата на Балканскиот Полуостров, кој
опфаќа широк спектар на поврзани интердисциплинарни проучувања. Ова списание ќе објавува статии кои се
занимаваат со прашања и предизвици во областа на историјата и археологијата, но
исто така и архивистиката, конзервацијата на културното наследство, музејските
студии и студии од други сродни области, чија цел е да се соберат и објават на
едно место најновите достигнувања во областа на балканската историја и
археологија. Истражувачките трудови се однесуваат на сите аспекти од историјата
и археологијата на Балканскиот полуостров, од предисторијата и антиката до
нашето совремие, вклучувајќи ги и студиите на класичната и модерната наука. Воедно
ќе разговараме и за Центарот за научно истражување и промоција на културата –
Хаемус кој е создаден во ноември 2012 година, а опфаќа
широк дијапазон на активности, почнувајќи од археолошки и историски
истражувања, преку публикување на материјал, менаџирање на културните ресурси,
едукација, па се до промоција на културното наследство.
Уште еден
повод за вечерашниов разговор е и нејзината монографија ‘Индустријата на делкан
и мазнет камен од неолитскиот локалитет Руг Баир кај Горубинци, во поширок
регионален контекст’, труд кој петставува
водич и прирачник при обработката на три типа артефакти, мазнети алатки,
делкани алатки и абразивни орудија, кои
ги опфаќа непубликуваните камени наоди од една сонда при ископувањето на Руг
Баир од 1970 година, сместени во Музејот и Завод на Штип. Со овој труд на виделина
се изнесува непубликуван материјал закопан во едно музејско депо какви што ги
има на тони кај нас, а најголем куриознитет е тоа дека дека тој материјал е од
Македонија, со што ставаме уште една важна точка за археологијата од нашата
земја на светската научна мапа.
Василка
Димитровска покрај тоа што е позната низ блогосферата, веќе повеќе од деценија
наназад работи во сферата на туризмот каде партиципира во полето на културниот
туризам, следејќи ја својата желба да го промовира големото културно богатство
и фолклор кои потекнуваат од територијата Република Македонија, а се непознати
за странците.
Овие прашања
се само повод за нашиот денешен разговор, меѓутоа причини има многу, многу повеќе. Затоа во денешните два часа секако очекувајте
многу повеќе од само претставување на овие проекти. Очекувајте
возбудлив разговор на овие и повеќе од возбудливи теми за и околу историјата, археологијата и културното наследство. Понеделник, Музика и Политика, 22ч.,
Канал103.