Friday, December 30, 2011

Пропадната утопија: Уметноста на надзорот и симулирањето контрола, интервју со Тони Димитров

дело: ‘Total surveillance’

изложба: SEAFair ’11 'Energy, Biopolitics, Resistance strategies and Cultural subversion

куратори: Мелентие Пандиловски, Елена Вељановска, Зоран Петровски

интервју: Дарко Алексовски

фотографија: Илија Маџар

објавено: 17/11/2011

веб сајт: furtherfield.org

Дарко Алексовски: Инспирацијата е термин чие интерпретирање се менувало низ историјата на уметноста, но генерално ја подразбира идејата од генеалошка гледна точка. Која е инспирацијата за еден ваков проект? Кои се твоите референци (други слични прокети, теорија и философија)?


Тони Димитров: Низ дваесеттиот век уметноста го менува својот облик на претставување. Сликарското претставување, правењето објекти и визуелната контемплација и пред се подражавање, артистите ги заменуваат со нови начини на претставување кои повеќе и подиректно одговараат и ги репрезентираат социјалните промени во општеството, ставајќи акцент на процесот, концептот, акцијата, интеракцијата, новите медиуми, технологијата, средината и секако критичкиот дискурс... Она кое мене ме предизвикувало и сеуште предизвикува да се изразам е токму критичкиот дискурс и резигнацијата која се јавува од систематизираниот живот и ограничувањата на системот. Тоа е оној приомордијален гнев кој се чувствува во моментот на освестување, кога ќе сфатиме каде тоа живееме и како. Се она кое ни се прикажува како систем кој треба да ни го олесни животот, всушност не е баш тоа. Науката и технологијата чија цел беше да “работат” во корист на човештвото, не само што не го олеснуваат животот туку напротив го отежнуваат и работат на штета на човештвото. Токму од тој момент кога најголемите надежи беа доделени на технологијата, науката и големите теории, тие како да не ги исполнија очекувањата. Наместо да бидат средства за остварување на идеалите на човештвото и постигнување благосостојба, стануваат најмоќното орудие на системот за воспоставување на нови форми на моќ и доминација. Токму таа индигнација покрената од ова сознание е мојата најголема инспирација, од моето прво критичко дело, преку други уметнички проекти, разни филозофски есеи, па до сега.

Од филозофската инспирација можеме да ги споменеме најпрвин Бодријар и Вирлио кој прецино ја вивисецираат современата реалност. Потоа мојот најголем интерес утиопистите и антиутопистите преку Мор и Кампанела, кој даваат критика на момнталниот систем преку понудено решение, па се до Орвел, Замјатин и секако Хаксли, кој отсликува најпрецизна слика на општеството во кое живееме – добродушен тоталитаризам. Треба да ги споменеме авторите од франкфуртската школа преку Фром, Хоркхајмер, Адорно и секако Маркузе и современите автори како Зигмун Бауман, Улрих Бек, Франк Фуерди, Лаш Свенсен...



Дарко Алексовски: Колку тебе како автор ти значат дигиталните медиуми? Дали сметаш дека дигитално уметничко дело е носител на повеќе информации во еден ваков денешен дигитален суфицит, или мислиш дека е неопходно уметноста да се изрази преку дигиталноста бидејќи таа е најзастапена во современото живеење? Колку ready-made аспектот на овој проект е неопходен?


Тони Димитров: Дигиталната уметност ги потврдува сите овие промени во општеството и во исто време нуди оддалечување од нив, во центарот на дискусијата поставајќи најразлични прашања од најразлични области. Недвосмислено, дигиталната уметност развива и пошироки контексти и навлегува во најразлични други полиња како филозофија, физика, лингвистика, семиотика, политика, социологија, па дури и биологија. Кога сте на ваква изложба веќе немате чувство дека се наоѓате на изложба каде треба да имате убаво доживување, туку во лабораторија каде се создава нешто ново, дотогаш неприфатено дури ни во самата наука. Етичките правила и научните методи тука веќе немаат значење. Дел од овие дела отидоа предалеку и гледајќи ги може да чувствувате гадење или резигнација, чувства кој се значајни за изразување на критичката димензија и подигање свесност.

Што се однесува до ready-made аспектот во дигиталната уметност не може да не се согласиме со Валтер Бенјамин, кој смета дека преку правење на повеќе репродукции, уникатното доживување се заменува со мноштво и репликацијата прави да се изгуби аурата во уметноста со самиот факт што уметничкото дело, при процесот на неговата дистрибуција, не е веќе оригинално, неповторливо, единствено, туку може да се умножува, да се реплицира. Просто, единственоста на оригиналот се претвора во безбројност или мноштво. Тоа е една од главните критички перспективи упатена кон уметноста која се јавува по појавувањето на механичката репродукција и развојот на уметностите како филмот, фотографијата, графиката, а денес во нив можеме да сместиме и широк опсег од дигиталната уметност, каде практично нема вистински оригинал. Тука се губи нејзината уникатност или попрецизно аура, а се добива на “готовноста” во ready-made аспектот.

И покрај оваа критика со која се согласувам, сепак сметам дека уметноста/музиката се создаваат денес за да бидат забележани/чуени денес, а не по десет години кога веќе е бидат дел од историјата. Тоа значи дека денес се создава преку дигиталните алатки и со дигиталните медиуми, еднакво како што денес се создава електронска музика. Сметам дека мора да се биде курентен и да се изразува преку моменталните средства, со цел најпрецизно да се искажат и претстават новите текови во општеството и критиката. Тоа пак од друга страна не значи дека не треба да се изразуваме и со класични медиуми на современ начин и дека јас не работам и цртеж, па дури и мозаик, меѓутоа сепак она преку кое “официјално” се изразувам и преку кое искажувам критика е дигиталниот медиум и концептуалната уметност.



Дарко Алексовски: Дали го сметаш твоето дело за критичко спрема општествениот апаратус и инструментализацијата на живеењето, или спрема инертниот субјект, инструиран да прифаќа ready-made ситуации?


Тони Димитров: Секако критиката е директно упатена кон општеството и системот. Тој е оној кој го поседува монополот на моќта и ги наметнува овие аспекти на суптилна, целосна контрола. Сепак и самиот субјект не е поштеден од критика, токму поради својата инертност, затоа што не реагира кон ова наметнување, туку беспоговорно ги прифаќа под бледите изговори дека сето тоа е за “негово добро”, за негова безбедност, заштита, итн... Сепак наметнувањето тргнува од самиот систем уште од воспитанието, образованието и моделирањето на самиот субјект, така што виновникот за состојбата е и повеќе од јасен.

“Total surveillance” упатува критика токму кон една од најексплицитните “придобивки” на современото општество, која е толку наше секојдневие, што практично воопшто не ја ни забележуваме. Делото реферира кон антиутописките димензии кој современото општество ги добива во денешен контекст. Изложеноста на постојаната присмотра е предмет на антиутописките дела, кој прецизно ги антиципираат последиците на неправилната употреба на технологијата, а чија филозофска димензија комплетно кореспондира со денешнината.

Во овие точки ги согледуваме постмодерните анализи на институциите и дискурсите на модерната и начините на кои тие ги нормализираат и дисциплинираат субјектите, анализите на новата комуникациска технологија, мас-медиумите и нивните механизми на воспоставување на моќ и доминација... Согледуваме директна критика кон денешните модерни форми на моќ кои воспоставуваат нови форми на доминација. Критика кон информатичката и комуникациската технологија, кој колку што придонесуваат за развој на човечките капацитети, разбивање на централизираната структура и концентрацијата на моќ, демократизација на културата... толку придонесуваат и за деперсонализацијата на индивидуите и манипулацијата со луѓето.

Реализацијата на овој прогрес е визијата на анти-утопијата претворена во реалност, за чија реализција времето станува сè пократко. Анти-утописките предвидувања за негативните консеквенци на технолошкиот и општествениот развој, денес согледуваме, дека се реализирани со безмалку хируршка прецизност, во сиот свој енормно широк дијапазон, реализиран преку општествените ограничувања, концентрација на моќта, социјална несигурност, обезличување на индивидуата, уништување на емоциите, контрола преку мас-медиумите, масовно производство, инстант забава... Сите тие до детаљ се опишувани и антиципирани во делата на анти-утопијата години пред да станат реалност.




Дарко Алексовски: Дали уметноста ја гледаш како најрелевантен начин за критичко делување?


Тони Димитров: Не. уметноста е само еден можеби најбанален, но сепак најприемчив начин на критичко делување кој и нема да остави многу трага во реалноста. Уметноста е парадигма која симболички ги прикажува работите. Тоа не значи дека е безначаен и дека нема примери кога од уметноста и нејзината критика тргнува некаква промена или дека барем не ја подигнала свесноста за одредени проблеми, меѓутоа сепак е само попатен метод за искажување директна критика. Теоријата/филозофијата МОРА да бидат неизбежен дел од уметноста преку која ќе ја добие пресудната острица за директна критика и евентуално покренување на промени. Уметноста без теориската база е безмалку празна уметност.



Дарко Алексовски: Делото претставува vicious circle копија на камерите за следење. Во колкава мера оваа уметничка ситуација е копија на реалната, или мислиш дека реалната ситуација е полоша? Колку мислиш дека ангажираната и критичката уметност денес се забележани, со оглед на дисперзираноста на уметничкиот систем?


Тони Димитров: За жал премногу верна копија на реалноста. Кога влегуваш во просторијата практично влегуваш во реална ситуација. т.е. излегуваш во општествената реалност. Практично е копија на системот во кој живееме. Во тој случај нема потреба од градација на подобра и полоша ситуација. Излезете на улица, поминете покрај сигурносните камери и почувствувајте. Имаше различни реакции кога посетителите влегуваа во просторијата, кој претежно беа реални, изразени преку непријатно чувство и гадење кога ќе согледаат дека се соголени и опсервирани од сите страни. Токму тоа се случува во сите институции па и надвор по улиците само што не сме свесни кој тоа таму не опсервира. Токму тоа чувство го доловувам тука; чувството кога ќе ги погледнеш резултатите на опсервацијата. Тоа е прецизно отсликување на анти-утопискиот карактер на нашето општество кој во тој правец се развива со посредство на технологијата.

Од друга страна технолошката револуција што се случи во последните педесетина години и информатичката револуција што ја создаде дигиталното доба, создаде коренити промени во општеството и начинот на негово функционирање, па дури и во физичкиот простор. За Вирилио, дури и реалноста е поделена или поточно супституирана со друга – виртуелна, која станува посилна со посредство на новите технологии. Затоа есејот кој оди заедно со инсталацијата започнува со реченицата на Вирилио: Еден ден виртуелниот свет можеби ќе го надвладее реалниот свет. Токму тоа е оваа виртуелна реалност преку чии екрани го гледате своето постоење. Токму Вирилио не предупреди дека секоја критика на технологијата скоро да исчезна и ние несвесно ја прифаќаме секоја инвенција без критички да ги разгледаме нејзините последици, со што се слизнуваме во догматизмот на тоталитарна технокултура. Сето ова е критика на начинот на кој технологијата го менува современиот свет и самиот човек, препознавајќи во технологијата клучен фактор кој го определува модерниот свет.

Конечно “Total surveillance” претставува своевидна видео инсталација или мрежа сочинета од склоп на видео камери, видео проектори и екрани кој меѓусебно се вкрстуваат и кој постојано го снимаат објектот/гледачот пред нив, од сите страни. Гледачот, со своето присуство, во исто време е и учесник, и дел од самото дело. Камерите го снимаат неговото присуство од сите страни, а тој е во можност на екранот пред него да ги гледа снимките т.е. да се гледа самиот себе. Се работи за комплетна присмотра на гледачот, меѓутоа каде гледачот врши приосмотра на самиот себе од сите страни и на перспективите кој обично самиот тој не ги гледа. Во присмотрата се вклучени и останатите учесници во просторот кој го гледаат првиот гледач, или се гледаат самите себе. Со тоа се добива една мрежа на вкрстени камери и проектори кој проектираат снимка на гледачот од сите страни, пополнувајќи ја целата просторија, дополнета од визуелниот шум на просторот. Ова реплицирање и репродуцирање создава проекција на самиот гледач на екраните надвор од самиот него, во своевиден виртуелен простор, која продолжува во бесконечност, слично на огледало проектирано во огледало, здобивајќи со тоа нови и нови естетски форми, продукт на самото реплицирање и репродуцирање.