Monday, February 18, 2013

За ГМО, семињата и правните регулативи




Денес повторно ќе се занимаваме со една доста значајна и горлива тема која се однесува на семињата, а ќе биде надоврзување на она што го дискутиравме мината недела во врска со генетиката, генетски модифицираните организми и семиња, а на слична тема посветивме  една емисија пред неколку месеци (кога гостин беше Димитар од Зелената арка зборувајќи за ГМО, семињата и проектот Семенувај). Остана да ги разгледаме перспективите кој се поврзани со правните и законските регулативи во врска со проблемот локално, како се регулирани овие работи, дали воопшто се регулирани и колку овие регулативи се почитуваат, а исто така и регулативите кој мора да ги имплементираме како услов за влегување во ЕУ.

Со Јана Ѓорѓинска од НВО Кален ќе зборуваме за тоа каква е ситуацијата во земјите членки на ЕУ во однос на семињата и посадочниот материјал, споредбено и кај нас, што постои во вид на регулатива на ниво на ЕУ и какви промени се планираат/предвидуваат и на каков начин тие се рестриктивни за собирачите на семиња, фармерите, и за тоа на што работат засегнатите НВО од ЕУ и од регионов. Потоа теми поврзани со суверенитетот на храната, воедно и суверенитетот на семињата како едни од “основните и (заеднички) ресурси“ на човештвото т.н. commons. Исто така за потребата и неопходноста од соработка со останати НВО и чинители од регионов и ЕУ, особено во светло на размена на искуства, здружување на сили; за потребата од здружување и консолидирање на напорите на различните чинители за да се постигне реален, долгорочен (ако не и траен) и одржлив ефект, со соодветна структурираност (читај организираност) на активностите, а не само дејства и активности што се делумни и со краток и мал ефект - што за жал е реалност во регионов и посебно кај нас.

Тоа се само дел од прашањата кој ќе ги отвориме денес во врска со оваа извонредно значајна тема, која за жал ретко се дискутира и за која уште поретко се има свесност.  Кон крајот на овој месец во план е уште еден СЕМЕНУВАЈ настан, а за него ќе проговориме и со Димитар Самарџиев.


Понеделник, Музика и Политика, 22ч., Канал103.  

No comments:

Post a Comment