Денес повторно ќе се занимаваме со една доста
значајна и горлива тема која се однесува на семињата, а ќе биде надоврзување на она што го дискутиравме
мината недела во врска со генетиката, генетски модифицираните организми и
семиња, а на слична тема посветивме една
емисија пред неколку месеци (кога гостин беше Димитар од Зелената арка
зборувајќи за ГМО, семињата и проектот Семенувај). Остана да ги разгледаме перспективите кој се
поврзани со правните и законските
регулативи во врска со проблемот локално, како се регулирани овие работи, дали воопшто се регулирани и колку овие
регулативи се почитуваат, а исто така и регулативите кој мора да ги имплементираме како услов за влегување во ЕУ.
Со Јана Ѓорѓинска од НВО Кален ќе зборуваме
за тоа каква е ситуацијата во земјите
членки на ЕУ во однос на семињата и посадочниот материјал, споредбено и кај
нас, што постои во вид на регулатива на ниво на ЕУ и какви промени се
планираат/предвидуваат и на каков начин тие се рестриктивни за собирачите на
семиња, фармерите, и за тоа на што работат засегнатите НВО-а од ЕУ и од регионов. Потоа теми поврзани со суверенитетот
на храната, воедно и суверенитетот на семињата како едни од “основните и
(заеднички) ресурси“ на човештвото т.н. commons. Исто така за потребата и
неопходноста од соработка со останати НВО-а и чинители од регионов и ЕУ, особено во светло на
размена на искуства, здружување на сили; за потребата од здружување и консолидирање на
напорите на различните чинители за да се постигне реален, долгорочен (ако не и
траен) и одржлив ефект, со соодветна структурираност (читај организираност) на
активностите, а не само дејства и активности што се делумни и со краток и мал
ефект - што за жал е реалност во регионов и посебно кај нас.
Тоа се само дел од прашањата кој ќе ги
отвориме денес во врска со оваа извонредно значајна тема, која за жал ретко се
дискутира и за која уште поретко се има свесност. Кон крајот на овој месец во план е уште еден СЕМЕНУВАЈ
настан, а за него ќе проговориме и со Димитар Самарџиев.
Понеделник, Музика и Политика, 22ч.,
Канал103.